среда, 2 март 2011

МЕЃУНАРОДНА СТУДИЈА ЗА МЕРЕЊЕ НА ПОСТИГАЊАТА НА УЧЕНИЦИТЕ TIMSS 2011

Почитувани наставници,


Република Македонија е вклучена во Меѓународната студија за мерење на постигањата на учениците TIMSS 2011. Мерењето на постигањата ќе се реализира преку тестови на знаење по математика и природните науки, кои ќе ги решаваат учениците од 8 одделение, во по една случајно избрана паралелка, во 150 случајно избрани основни училишта во Република Македонија.


Оваа студија ја спроведува Државниот испитен центар (ДИЦ) при Министерството за образование и наука, и сите информации во врска со студијата, училиштата ќе ги добиваат од страна на ДИЦ.


Во изминативе четири години ПЕП успешно соработуваше со наставниците по математика и природни науки, со цел да ја унапредат наставата и учениците да се стекнат со вештини за критичко размислување, решавање проблемски ситуации и истражувања.

Тестовите на TIMSS, ги мерат тукму овие знаења и вештини.


Како и досега, компонентата за Унапредување на наставата по математика и природните науки, сака да излезе во пресрет на наставниците и да им помогне во постигање на што е можно повисоки резултати. Затоа, тука ги поставивме збирките од задачи кои се користеа во студијата TIMSS 1999 (во која беше вклучена нашата држава), на македонски и албански јазик, и задачите од TIMSS 2007 (во која Република Македонија не учествуваше, но учествуваше Србија) на српски јазик.



Очекуваме дека задачите и прашањата во овие збирки ќе Ви дадат појасна слика за знаењата и способностите кои се мерат, и ќе Ви помогнат во вашите активности да ги подготвите учениците за ова тестирање.


Ве поздравуваме и Ви посакуваме постигање на високи резултати.


ПЕП тим за математика и природни науки

Нема коментари: